Пијано вечер на „Охридско лето“ со кинескиот уметник Сихенг Сонг

Во црквата „Света Софија“ вечерва од 21 часот целовечерен концерт на „Охридско лето“ ќе одржи кинескиот пијанист Сихенг Сонг.
Кинескиот пијанист Сихенг Сонг е роден во Шангај во 1981 година и се смета зa еден од најдобрите пијанисти на неговата генерација. Студирал во Франција на Високата школа за музика во Париз во класата на Маријан Рубицки, а откако се стекнал со диплома за концертен пијанист, продолжува да студира на Парискиот конзерваториум со Оливие Гардон и приватно се усовршува со Доминик Мерле.
Сихенг Сонг е добитник на награди на Меѓународниот натпревар во Мароко, „Висеу“, на натпреварот во Португалија, на конкурсот „Гран при Анимато“, како и на натпреварите во Лидс и во Даблин. Тој е прв победник од кинеска националност на престижната награда на конкурост „Лонг-Тибо“ во 2004 година. Овие признанија му носат на Сихенг Сонг бројни можности за настапи низ целиот свет, и тоа во: Токио, Сеул, Пекинг, Шангај, Париз, Берлин и Њујорк. Настапува на фестивалите „Рок Антерон“ во Франција, фестивалот во Рур, Германија, Фестивалот „Бетовен“ во Бон, и фестивалот во Душники во Полска. Како солист со оркестар настапува со голем број оркестри во Франција, како и со оркестрите во Монте Карло, со Оркестарот „Хале“ во В. Британија, со Камерниот оркестар во Виена, со Кинеската филхармонија, со Филхармонијата во Хонг Конг и Новата jапонска филхармонија.
Сихенг Сонг бил член на жирија на повеќе натпревари, а бил и најмлад резидентен уметник на Шангајскиот Гранд театар. Од 2010 година тој започнува со нов тип на концерти во кој го комбинира стандардниот рецитален формат со мултимедија и досега има направено 5 такви проекти во кои прави спој на музиката и театарот, уметноста и литературата што придонесува кон доближување на класичната музика кон публиката на 21 век.







