Брзата интервенција на охридските пожарникари спречи поголема штета од синоќешниот пожар во Месокастро

Во текот на вчерашните вечерни часови, екипите на ТППЕ Охрид интервенирале при пожар на отворен простор во Стариот дел на градот, во месноста Месокастро. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, спречено било ширење на огнот кон околните објекти и паркираните возила, со што биле избегнати поголеми материјални штети.
Од ТППЕ Охрид посочуваат дека Стариот дел на градот претставува подрачје со висок безбедносен ризик од аспект на противпожарната заштита. Причина за тоа се бројните културно историски споменици, автентичната и збиена архитектура, како и ризикот од брзо ширење на пожарот меѓу објектите. Дополнителен проблем претставуваат тесните улички и непрописно паркираните возила, кои можат да го отежнат пристапот на противпожарните екипи во случај на интервенција.
Од охридската противпожарна единица упатуваат апел до граѓаните да бидат внимателни, совесни и општествено одговорни, посочувајќи дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор. „Секое предизвикување пожар, намерно или поради невнимание, е кривично дело“, нагласуваат од ТППЕ Охрид.







