Концертна премиера на „Orthodoxia Kai Thanatos“ на Крсте Роџевски на Охридско лето

Со концертна премиера на „Orthodoxia Kai Thanatos“, Крсте Роџевски вечерва, во 20 часот во црквата „Св. Софија“ ќе го отвори првото издание на новата програма „Џез вечери“ на фестивалот Охридско лето. Покрај Роџевски, главен вокал, ќе настапат и Христијан Моневски и Дамјан Палоски (вокален исон) и Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски – контрабас (инструментален исон).
Крсте Роџевски е македонски пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната „даунтаун“ сцена од неговата преселба во Њујорк во доцните деведесетти. По издавањето на трилогијата: Batania (2015), Bitter Almonds (2017) и The Rabbit And the Fallen Sycamore (2018), Роџевски ги снима Hubris (2020), Fair Weather Friends (2022), Black Earth (2023) и „Крстена вода“ (2024). Станува збор за концептуални албуми со интроспективни текстови и електроакустичен звук, збогатен со експериментални и фри-џез елементи. Во нивното создавање, тој соработува со некои од најеминентните имиња на њујоршката експериментална и импро-џез сцена (Бил Ласвел, Томика Рид, Крис Дејвис, Икуе Мори, Мери Халворсон, Ингрид Лауброк, Тома Фуџивара, Кирк Кнафке, Крис Спид и др.), како и со неколку врвни претставници на модерната чикашка сцена (Џеф Паркер, Никол Мичел, Кен Вандермарк итн.). Дури четворица од нив се добитници на престижната американска награда „МекАртур“, позната и како „грант за генијалци“. Творештвото на Крсте Роџевски добива извонредно позитивни рецензии во реномираните The Wire, Downbeat, Avant Music, All About Jazz, Stereogum … Списанието Downbeat го вклучи „The Rabbit and the Fallen Sycamore“ во листата на најдобри албуми во 2018 година. Осмото, двојно LP-издание на Роџевски под наслов Orthodoxia Kai Thanatos, е составено од композиции што се базираат на византиско пеење, како и ремикси на Фенес, Икуе Мори, Бил Ласвел, Јос Смолдерс, Кевин Драм и Томас Фелдман.
Во рамките на програма „Џез вечери“ ќе настапат и „Дине Донеф трио“, Нубаја Гарсија, Питер Сомуа, Kiioto и македонските уметници од Националниот џез оркестар. Програмата ќе се реализира во црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје и на сцената Долни Сарај.







