Skip to main content

Пецаков: Со органителството создаваме општество во кое хуманоста е посилна од стравот и неизвесноста

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, по повод Светскиот ден на органодарителството упати порака за подигнување на свеста за донорството, истакнувајќи дека со една хумана одлука може да се спаси живот и да се даде нова надеж на оние кои чекаат трансплантација.
 |  инфодеск  | 
Градоначалник Пецаков

По повод Светскиот ден на органодарителството, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, упати порака со која ја истакна важноста од подигнувањето на свеста за дарувањето органи и спасувањето животи преку овој хуман чин.

„За оние кои чекаат трансплантација, секој ден е исполнет со неизвесност и надеж дека ќе пристигне веста која може да им го промени животот. За нив и за нивните семејства, донорството не значи само орган, туку нова шанса, нов почеток и можност повторно да бидат заедно со своите најблиски“, порача Пецаков.

Тој посочува дека особено го трогнуваат приказните на луѓето кои ја чекаат својата шанса за живот, но истовремено изразува голема почит и благодарност до сите донори и нивните семејства.

„Во најтешките моменти тие носат храбра и благородна одлука да подарат живот. Органодарителството е огромен чин на човечност и љубов“, наведува градоначалникот.

Пецаков упатува апел да се зборува повеќе за органодарителството, граѓаните да се информираат и да се работи на подигнување на свеста, со цел да се создаде општество во кое хуманоста ќе биде посилна од стравот и неизвесноста.