Skip to main content

Утре ќе се одржи 5. издание на „Вкуси го Охрид локално“

Настанот започнува во 19 часот.
 |  инфодеск  | 

Утре на плоштадот „Долна Порта“ во Охрид ќе се одржи 5. издание на „Вкуси го Охрид локално“ во организација на Слоу Фуд Охрид, а со поддршка на Општина Охрид и партнерите Факултет за туризам и угостителство Охрид и локални производители.

Посетителите ќе имаат можност да ја запознаат охридската медовина, да дегустираат внимателно избрани локални деликатеси и да ги запознаат локалните производители кои со својата работа го чуваат и надградуваат гастрономското наследство на регионот.

-„Вкуси го Охрид локално“ е повеќе од гастрономски настан. Тоа е средба на луѓето, производителите и традицијата; можност локалните производи да добијат поголема видливост и да станат дел од туристичката приказна на Охрид. Преку вакви иницијативи се создава директна врска меѓу локалните производители, угостителството, туризмот и посетителите, велат организаторите.

Оваа година, велат, во фокусот е медовината – пијалак со длабоки корени во традицијата и културата, подготвен од мед, вода и љубов кон автентичните локални вкусови.

-Настанот ќе понуди можност за дегустација и разговор за локалните производи, нивното потекло и нивното место во современата гастрономска и туристичка понуда. Ги покануваме граѓаните на Охрид, туристите и сите љубители на добрата храна и автентичните вкусови да ни се придружат на овој празник на локалната гастрономија и да ја откријат приказната што ја носи секој локален производ, додаваат од Слоу Фуд Охрид.