Вечер на Живко Чинго: Книжевното наследство што не згаснува

Во родното Велгошти, Охрид синоќа се потсети на еден од најзначајните македонски раскажувачи. Со традиционалната „Вечер на Живко Чинго“ се одбележаа 91 година од неговото раѓање, но и трајната вредност на неговото книжевно дело.
Манифестацијата e потсетник на големиот македонски раскажувач и место каде што пишаниот збор продолжува да живее.

„Живко Чинго нè научи дека расказот е најдлабокиот отпечаток на човековата душа, магичен мост меѓу нашата традиција и современиот копнеж за слобода. Неговата литература останува траен патоказ за секој што се осмелува да пишува“, истакна Перчо Божиновски, претседател на Советот.


Во рамките на манифестацијата беше доделена и наградата за најдобар расказ. Оваа година признанието му припадна на д-р Марјан Патлиџановски за расказот „Службен пат до Тирана“.
„Чинго нè учеше дека книжевноста не е во големите зборови, туку во чудото скриено во секојдневниот живот, во човечноста што опстојува и кога времињата се тешки. Вечерва, прифаќајќи ја оваа награда, чувствувам одговорност и обврска да останам верен на приказната, на јазикот и на луѓето за кои пишувам.“, истакна Марјан Патлиџанковски – награден автор.

Во беседата посветена на Чинго, академик Катица Ќулавкова се осврна на неговото место во македонската литература и на книжевната моќ на неговите дела.
„Во тој контекст, и македонскиот книжевен јазик е столб на националните вредности, обележје на државноста. Тој е бесценето добро, наследено и стекнато, меморија без која би биле избришани од мапата на цивилизираните народи“, рече Катица Ќулавкова, академик.
Манифестацијата беше збогатена со културно-уметничка програма насловена „Македониум“, на која настапија повеќе изведувачи.






Соња Рилковска







