Охридското Езеро годинава ќе се пориби со 1,6 милиони единки охридска пастрмка

Околу 1,6 милиони единки охридска пастрмка се планира годинава да бидат пуштени во Охридското Езеро, што е за околу 500 илјади повеќе во споредба со минатата година.
Ова беше соопштено при посетата на Хидробиолошкиот завод во Охрид од страна на заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа, заедно со претставниците на Државниот инспекторат за земјоделство, Мирко Укоски и Арбнор Арифи.
За време на посетата, претставниците одблиску се запознаа со процесот на вештачко размножување на охридската пастрмка и подготовките за претстојното порибување. Со пловниот објект на Министерството патуваа од Струга кон Охрид, а во Хидробиолошкиот завод беа презентирани сите фази од процесот, од добивањето на икрата и инкубацијата, до одгледувањето и подготовката на подмладокот за порибување на езерото.

Процесот го презентираше Душица Илиќ Боева од Хидробиолошкиот завод, која ги запозна присутните со текот на вештачкото размножување и одгледување на подмладокот на охридската пастрмка.
„По шестгодишниот прекин за време на претходната власт, со кој сериозно беше доведен во прашање континуитетот на овој важен процес, Владата минатата година повторно го воспостави процесот на вештачко размножување и порибување на Охридското Езеро со пастрмка. Оваа година продолжуваме со уште поголем капацитет. Охридската пастрмка е едно од најголемите богатства на нашето езеро и нејзината заштита е наша заедничка одговорност“, истакна Хоџа.

Од Министерството најавуваат дека ќе продолжат со активностите и институционалната поддршка насочени кон заштита, размножување и зачувување на охридската пастрмка, како автохтон вид и едно од најзначајните природни богатства на Охридското Езеро.







