Skip to main content

Успешен настап на охридските стрелци на традиционалниот турнир „Илинден 2026“

Охридските стрелци забележаа повеќе значајни пласмани на традиционалниот меѓународен турнир „Илинден 2026“, кој викендов се одржа на стрелиштето „Бејбунар“.
 |  инфодеск  | 

Изминатиот викенд на стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид се одржа традиционалниот меѓународен турнир „Илинден 2026“, во организација на Стрелачкиот клуб „Охрид“, а под покровителство на Општина Охрид и Македонската спортска стрелачка федерација (МССФ).

На турнирот учествуваа речиси сите стрелачки клубови од земјава, како и збратимените клубови од Бугарија – „Санел“ од Сандански, „Пирин“ од Благоевград и „Тракиа“ од Пловдив.

Натпреварите се одвиваа во двете олимписки дисциплини – воздушна пушка и воздушен пиштол, во три возрасни категории: млади јуниори и јуниорки до 15 години, јуниори и јуниорки до 21 година и сениори и сениорки над 21 година.

Охридските стрелци и стрелачки клубови забележаа повеќе значајни пласмани.

Во дисциплината воздушен пиштол, во категоријата млади јуниорки, Теодора Мицкоска од СК „Охрид“ го освои второто место со 338 кругови, додека Ана Мостро од ЖСК „Лихнидос“ заврши на третата позиција со 316 кругови.

Кај јуниорите, првото место го освои Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ со 549 кругови. Вицешампионската позиција му припадна на Иван Милевски од СК „Охрид“ со 535 кругови, додека Никола Тодороски од истиот клуб заврши на четвртото место со 510 кругови.

Кај јуниорките на воздушен пиштол, Стефанија Вељаноска од СК „Охрид“ го освои второто место со 533 кругови. Третопласирана беше Наталија Савеска од ЖСК „Лихнидос“ со 531 круг, четврта Стефани Савеска со 528, а петта Милица Кочовска со 510 кругови.

Во сениорска конкуренција на воздушен пиштол, единствениот охридски претставник Велибор Балоски од ЖСК „Лихнидос“ заврши на петтото место со 506 кругови.

Во дисциплината воздушна пушка, кај младите јуниори, најдобро пласиран од охридските претставници беше Јован Баулоски од СК „Охрид“, кој со резултат од 385,4 круга го освои третото место.

Кај јуниорките, Тамара Кичеец од ЖСК „Лихнидос“ заврши на четвртата позиција со 580,9 круга.

Најзначаен пласман во оваа дисциплина кај сениорките забележа Ива Маленко од СК „Охрид“, која со резултат од 595,6 круга го освои вицешампионското место.

Остварените резултати уште еднаш го потврдија успешниот настап на охридските стрелци на традиционалниот меѓународен турнир „Илинден 2026“.