Пчеларите со најслабата сезона во последните 20 години, приносите драстично намалени

Наместо полни кошници и добар принос, зад пчеларите останува една од најслабите сезони. Годинава се соочуваат со драматично намалено производство. Според нив, ова е една од најлошите сезони во последните две децении.
Причината ја гледаат во климатските промени и нарушените временски услови, кои директно влијаат врз пашата.

„За жал, оваа година можеме да заклучиме дека е најслаба година во последните 20-тина години. Еве, јас од 80-тина пчелни семејства нема да извадам ниту една тегла мед оваа година. А тоа што го гледате денес, што го продаваме, е од останатата залиха од претходни години.”, вели Наум Трпчески претседател на Здружението на пчелари во Охрид.
За охридскиот регион особено значајна е шумската паша, но годинава, велат пчеларите, и таа потфрлила.Последиците се – наместо мед за собирање и продажба, мораат да ги прихрануваат пчелните семејства. Бараат итна поддршка од државата.

„Во некои држави, при такви ситуации, државата донира шеќер за да се стимулираат пчелните семејства да соберат доволно компензациска храна за зимските потреби. Така што секоја донација во форма на шеќер или било што во овој период е добредојдена.”, вели Трпчески.
Но, покрај лошата сезона, пчеларите се соочуваат и со стар проблем – доцнењето на субвенциите.
„Меѓутоа, имаме и друг проблем – субвенциите за 2025 година сè уште не се исплатени, основната субвенција. Нивната цел е да влијаат стимулативно на развојот на земјоделските стопанства, меѓутоа не може да влијаат развојно кога не се исплаќаат навреме или воопшто не се исплаќаат.”, додава Трпчески.
И индивидуалните пчелари потврдуваат дека приносите годинава се преполовени,, наместо десетици килограми мед од едно пчелно семејство, приносот е само неколку килограми.

„Оваа година пчелните приноси се напола од ланските. Лани, ако беа 80 проценти, годинава сте некаде на 40, може и 30 проценти. Многу ни е потребна помош од државата. Особено овие последни години, пошто, еве, гледаме самите – последните пет години веќе целосно климата се пореметува, а пчелите се поврзани најмногу со климатските услови”, вели Пеце Деспотоски пчелар.

Во Охрид се одржа традиционалниот саем „Запознај го локалниот пчелар”,осум локални изложувачи ги претставија медот и другите пчелни производи.
„Саемот се организира традиционално речиси неколку години и е поставен на препознавање за охридската јавност и посетителите кои секоја година го посетуваат Охрид.Целта со организирањето на ваквите саеми е да ја подигнеме свеста за значењето на пчелата како неизбежен дел од екосистемот, да ја подигнеме свеста за значењето на пчелните производи, колку имаат бенефит за човечкиот организам”, вели Трпчески.
Во охридското Здружение моментално членуваат околу 60 пчелари. Тие стравуваат дека без сериозна поддршка, сè помалку луѓе ќе се одлучуваат за професионално пчеларство.









