Skip to main content

Нова стратегија за туризам 2027–2032: Фокус на одржлив развој, нови пазари и современа туристичка понуда

Каков туризам ѝ е потребен на Македонија и како природното и културното богатство да се претворат во квалитетен туристички производ. Во тек е подготовката на новата Стратегија за туризам за периодот 2027–2032 година.
 |  инфодеск  | 
Лето фото: Ѓоко симјаноски

Македонскиот туризам треба да добие јасна насока – кои пазари ги цели, каква понуда има и што бара современиот турист. Токму на овие прашања треба да одговори новата Стратегија за туризам, која веќе се подготвува преку консултации со сите чинители во секторот. Анализите треба да покажат кои пазари се приоритетни, кој вид туризам ќе биде доминантен,  кој туристички производ.

 Фокусот е ставен на одржлив развој и зачувување на просторот,

„Вториот базичен постулат на стратегијата е одржливоста. Ако вие почнувате да генерирате негативни појави со туризмот, брзо вашата дестинација ќе почне да згаснува и нема да имате квалитетен простор. Оти туризмот е пред сè врзан за квалитетен простор. Ние го имаме, ама не смееме да го деградираме. Деградиран простор не е туристички простор.”-вели проф. д-р Сашо Коруновски од ФТУ Охрид.

Стратегијата ќе ги следи и новите туристички трендови и промените во навиките на туристите. Посебно внимание се посветува на помладите генерации, кои имаат различни интереси и преференции и бараат поинаква туристичка понуда.

„Ги истражуваме и трендовите, и пазарите, и оние географски елементи, но и сегменти на возраст на населението. Сè повеќе доаѓаат млади генерации, тие имаат поинакво размислување, други преференции и ние мораме да се прилагодиме кон нив.” – вели проф. д-р Коруновски.

Новата Стратегија за туризам треба да ги постави приоритетите и да понуди конкретни мерки и активности за нивна реализација. Очекувањето е од документ што ќе ја опише состојбата, да прерасне во практична насока за развој на македонскиот туризам во периодот 2027–2032 година.

Новинар Соња Рилковска

Фото: Ѓоко Симјаноски