Од медовина до домашен леб, Долна Порта во знакот на охридските вкусови

Викендов Долна Порта во Охрид мирисаше на домашни производи, вино и лето. Се слушаше музика, се наздравуваше, се дегустираше, а охриѓани, домашни гости и туристи од различни краишта на светот уживаа во гастрономското патување што го понуди петтото издание на „Вкуси го Охрид – локално: Охридска медовина“.
Настанот полека, но сигурно прераснува во еден од оние охридски летни настани кои не се само дел од програмата, туку стануваат дел од доживувањето на градот.

Оваа година, приказната започна уште на влезот, на „портата на вкусовите“, каде две охриѓанки ги пречекуваа гостите со домашен леб и медовина.
Медовината е напиток со долга традиција, создаден од мед, вода и природен процес на ферментација. Во охридската традиција медот имал посебно место и во свадбените обичаи, како симбол на љубов, среќа, плодност и желба за сладок заеднички живот.
Токму затоа, секоја чаша медовина носеше и приказна.
„На овој настан бевме минатата година и многу се израдувавме кога видовме дека повторно се одржува. Сакаме да вкусиме нешто ново, да си купиме од она што веќе сме го пробале и да ја почувствуваме атмосферата. Ова е Охрид каков што сакаме да го запомниме – локален, гостопримлив и со вкусови што не можеш да ги најдеш на друго место“, раскажаа туристи од Земун, Србија, кои вторпат го посетуваат настанот.

За брачниот пар од Утрехт, Холандија, ова било прво запознавање со „Вкуси го Охрид – локално“ и со филозофијата на Слоу Фуд.
„Пробавме медовина, купивме превкусни сирења, маџун, пробавме лут ајвар, ѓомлезе, овошни џемови и слатка. Во Македонија има поинаков вкус кога храната ти ја нуди човекот што самиот ја направил. Ова е вистинска гастрономска дестинација“, велат тие, наздравувајќи со македонските вина.
А на тезгите – вистински празник на локалните вкусови. Сирења и кашкавали, ајвар и лутенка, слатка од различно овошје, мед, производи од тартуфи и афион, вина, маџун, ѓомлезе, домашен леб, козметика од пчелни производи, рачно изработени кукли, сапуни и ретро плетени чанти.

Но, зад секоја тезга стоеше човек и приказна.
Производителите со посетителите споделуваа како настануваат нивните производи – како се добива медот, се суши овошјето, се подготвува маџунот или се бараат тартуфи. Зад секој производ, како што велат организаторите, стојат многу работа, знаење, трпение и љубов.
Токму тоа е суштината на „Вкуси го Охрид – локално“ – не само да вкусиш, туку да дознаеш кој го направил она што го пробуваш.
Да ја запознаеш приказната зад залчето, раката зад ракотворбата и посветеноста зад вкусот. А дома да понесеш не само производ, туку и мало парче од местото.

Долна Порта синоќа беше мала гастрономска сцена – со музика, разговори, ведри лица и полни чаши. Августовската ноќ донесе атмосфера во која никој не брзаше, туку се застануваше, се дегустираше и се разговараше.
„Вкуси го Охрид – локално“ уште еднаш покажа дека најубавите приказни за еден град не се секогаш напишани во туристичките водичи. Понекогаш се сервираат на мала чинија, се точат во чаша и се раскажуваат со едноставното наше,„ај, пробај“.
Настанот е поддржан од Општина Охрид, Слоу Фуд Македонија и Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.












