Skip to main content

охридско лето

Младински оркестар на Западен Балкан со маестрален концерт на „Охридско лето“

Младинскиот оркестар на Западен Балкан со 75 членови настапи на „Охридско лето“
 |  инфодеск  | 

Во извонедниот амбиент на Долни Сарај вчеравечер беше реализиран уште еден од низата успешни концерти од музичката програма на „Охридско лето“.

Овојпат, главни актери беа младите музичари од регионот, обединети во Младинскиот оркестар на Западен Балкан. Вкупно 75 врвни инструменталисти-членови на оркестарот, под диригентската палка на маестро Десар Сулејмани, музицираа со фантастична  мотивираност, ослободувајќи моќна творечка енергија која допре до публиката.

Концертниот репертоар зрачеше со восхитувачка убавина со највисоки естетски критериуми.

-Голема е честа за целиот оркестар да се биде овде. Сакав да го донесам на „Охридско лето“ и успеавме во тоа. Имавме спектакуларна програма почнувајќи  од  Увертирара кон  операта „Танхојзен“ од Рихард Вагнер, преку познатата симфониска поема „Помошникот на волшебникот“ од Пол Дука, едно наградено дело  од млад композитор од Западен Балкан,  до „Романска рапсодија бр. 1 оп. 11 од Жорж Енеску, а концертот го завршивме со композицијата „Римски борови„ од Оторино Респиги, изјави албанско-германскиот диригент и пијанист Десар Сулејмани.

Младинскиот оркестар на Западен Балкан е основан врз база на едноставно, но моќно уверување дека музиката успева да ги зближи луѓето онаму каде честопати зборовите и политичарите не успеваат. Во регион кој сè уште ги лечи раните по распадот на поранешна Југославија, овој оркестар создава уникатен простор за креација на младите музичари од различни земји и култури, помагајќи им да ги надминат разликите и да се сплотат во заедничка уметничка креација. Инспириран од духот на Европските летни музички академии кои се одржуваат во Приштина од 2012 година, оркестарот официјално е формиран во 2019 година под уметничко раководство на диригентот и пијанист Десар Сулејмани.

Денес Младинскиот оркестар на Западен Балкан е повеќе од само музички ансамбл – тој е мост кој ги охрабрува уметниците од новата генерација да бидат амбасадори на дијалог, разбирање и соработка во регион каде таквите гласови се повеќе од потребни.