Skip to main content

Македонската Армија одбележува 34 години постоење

Денот на Армијата е поврзан со 18 август 1943 година, кога на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, еден од значајните воени состави на Народноослободителната борба во Македонија.
 |  инфодеск  | 
Арм

Македонската Армија денес одбележува 34 години од своето формирање. Во изминатите три децении таа претставува еден од клучните столбови на безбедноста и одбраната на државата.

По осамостојувањето на Македонија, на 18 август 1992 година е формирана Армијата, а овој датум се одбележува како Ден на Армијата. Во текот на своето постоење, припадниците на Армијата учествуваа во бројни домашни и меѓународни мисии, придонесувајќи кон мирот, безбедноста и стабилноста. Инаку, Денот на Армијата е поврзан со 18 август 1943 година, кога на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, еден од значајните воени состави на Народноослободителната борба во Македонија.

Во Кампот за обука на вода во Охрид денеска ќе се одржи централната свеченост на која ќе присуствува највисокиот воен и државен врв. Според протоколот, на свеченоста со пригоден говор ќе се обратат претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски. На свеченоста се очекува да присуствуваат претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието, Африм Гаши, министри во Владата, пратеници во Собранието, генерали во Армијата, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот на Армијата, пензионирани генерали, претставници од локалната самоуправа, претставници на организации со кои соработува Армијата и други гости.

Во касарната „Илинден“ во Скопје, пак, вчера во 19 часот се изврши почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од 6 артилериски орудија од страна на единица на артилерискиот баталјон на Армијата.