Денот на Армијата одбележан со свеченост во Охрид

Во кампот за обука на вода во Охрид денеска свечено беше одбележан 18 Август – Денот на Армијата. На централната свеченост присуствуваше највисокиот државен и воен врв, меѓу кои претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, претседателот на Собранието Африм Гаши и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Во обраќањата беа упатени честитки до припадниците на Армијата, при што беше истакната нивната посветеност и професионализам. Во рамки на свеченоста беа доделени ордени и признанија, а празникот беше одбележан со воени почести, постројување на единиците и пригодна музичка програма.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање истакна дека Армијата е столб на стабилноста и доверлив партнер на институциите.
„Армијата е нашиот столб на стабилност, доверлив партнер на институциите и сила која секогаш е во служба на народот и татковината. Континуирано го зголемуваме буџетот за одбраната и инвестираме во модернизација, опрема, инфраструктура и воена мобилност. Ја зацврстуваме безбедноста и ја потврдуваме нашата улога како кредибилен и доверлив сојузник во НАТО. Градиме силна и современа Армија!“, рече Мисајловски.
Тој изрази благодарност до сите сегашни и поранешни професионалци во Министерството за одбрана, Генералштабот и Воената академија, како и до пратениците, експертите и сите кои, како што истакна, во изминатите 34 години со своето знаење, работа и посветеност придонесуваат за зајакнување на македонскиот одбранбен систем.
„Продолжуваме со работа со уште посилно темпо, затоа што нашиот заеднички успех е успех за државата и за нашите граѓани!“, порача министерот.














