Skip to main content

охридско лето

Полска вечер на „Охридско лето“ со уметничките од „Глам квартетот“ и пијанистот Стен Брекенриџ

„Глам квартет“ го сочинуваат четири реномирани полски инструменталистки – Барбара Шелчаеиевич како прва виолина, Доминика Пјечовјак-Должинска како втора виолина, Каролина Вашцинска-Лукановска на виола и Агњешка Ковалчук на виолончело.
 |  инфодеск  | 

Музичката програма на „Охридско лето“ вечерва продолжува со Полската вечер, во чии рамки во црквата „Света Софија“ ќе настапат уметничките од „Глам квартетот“ од Полска и американскиот пијанист и автор Стен Брекенриџ.

Членките на квартетот „Глам“ се реномирани полски инструменталистки кои редовно настапуваат соло, како камерни музичари или како музичари во симфониските оркестри во Полска и надвор од неа. Нивните индивидуални биографии говорат за нивната стилска разновидност и можност да комбинираат повеќе музички стилови од класична музика преку поп, рок, хаус, џез, па сè до современите алтернативни стилови. Соло или како квартет редовно соработуваат со признати полски артисти, како и со светски музички ѕвезди од разни жанровски определби на настани кои вклучуваат фестивали, телевизиски продукции, спортски манифестации, а се вклучени на повеќе носачи на звук. Секоја недела квартетот „Глам“ е носечки музички столб на телевизиската програма „Ѕвездено кабаре“.

Стен Брекенриџ – пијано

Стен Брекенриџ е автор на три книги, а секоја доживува свое трето изданија. Ова се неговите дела: „Вкус или невкус: критично слушање за ученици, наставници и родители“ (2018), „Популарна музика во Америка: градење на американскиот дух“ (2016) и „Африканско-американска музика за сите – театар, филм и танц“ (2014). Заедно со авторите Стивен М. Ален и Одли Чејмбрс е коавтор на книгата „За африканско-американската музика“ издадена во 2021 година.

Низ годините, кариерата на Стен Брекенриџ се протега не само на концертните сцени туку и во ТВ-студијата каде е чест гостин на темите поврзани со неговите литературни изданија. Настапувал во Павилјонот „Дороти Чендлер“, во „Грчкиот театар“, во „Форум“ во Лос Анџелес, на „Холивуд Боул“, на Летниот фестивал „Вотс“ , во „Капитол рекордс“ и др.  Има настапувано пред видни личности како: Медлин Олбрајт, Боби Блуе Бенд, Махалија Џексон, Џери Луис, Марта Ривс, Ненси Синатар, Џон Траволта и Џон Вејн. Настапува и одржува предавања во: Дубаи, Англија, Франција, Германија, Унгарија, Јапонија, Литванија, Мексико, Мароко, Полска, Словачка, Украина и низ САД.