Балкански поетски камп „Ванчо Николески“ по осми пат во Охрид и Дебрца

Здружението за литература и култура „МАЦКОВО“ од Охрид по осми пат го организира Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ – 2026, кој ќе се одржува од 21 до 23 август во Охрид и Дебрца.
Свеченото отворање е закажано за 21 август во 11 часот, во ЦОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец. На кампот ќе учествуваат млади литературни надежи од Македонија, Албанија, Србија и Бугарија.
По отворањето и културно-уметничката програма, учесниците ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит пред вечното почивалиште на Ванчо Николески во Алејата на заслужните при Градските гробишта во Охрид. Предвиден е и прием во Општина Охрид.
Во сабота, 22 август, учесниците ќе ја посетат НУ Библиотека „Григор Прличев“, каде ќе се запознаат со нејзината дејност. Професорот д-р Павле Митрески ќе одржи предавање за животот и делото на Михаило Пупин, со посебен осврт на неговите македонски, односно вевчански корени и неговата донаторска дејност.
Во вечерните часови ќе ги разгледаат знаменитостите на старото градско јадро на Охрид, а во КИЦ „Андреј Долард“ ќе следат предавање посветено на холандскиот автор кој во светот го промовирал Охрид, меѓу другото и преку култниот роман „Свадба во Охрид“.
Последниот ден, 23 август, манифестацијата се сели во Дебрца. По приемот во Белчишта, учесниците ќе ја посетат Галеријата „Ѓорѓија Целески“, а потоа ќе заминат во Црвена Вода, родното село на Ванчо Николески.
Пред неговата родна куќа ќе им бидат доделени сертификатите за учество, по што ќе ја посетат Спомен-собата на писателот и поставката посветена на НОВ и антифашистичката револуција. Мештаните ќе приредат и традиционален македонски ручек.
До учесниците специјални посланија упатија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и Мајо Даниловиќ, претседател на Одделот за целиот словенски свет при Светската академија на поезијата при УНЕСКО.
Манифестацијата се одржува со финансиска поддршка на Општина Охрид и Општина Дебрца.







