Во понеделник ќе се одржи уникатниот спортски настан „Штафетно нуркање за мир“ во организација на Црвен Крст Охрид

Во рамки на овогодинешното издание на Фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival 2026, Црвен крст Охрид го најавува одржување на меѓународен настан ШТАФЕТНО НУРКАЊЕ ЗА МИР, (пливање под вода-нуркање на здив) во должина од 25 м., кој ќе се одржи на Градскиот базен „Атина Бојаџи“ во Охрид на 24.08.2026 г. (понеделник) со почеток во 13 ч.
Црвен крст Охрид ги поканува сите оние кои се психофизички здрави и се чувствуваат способни за учество на овој, единствен настан од ваков вид во светот, со што од Охрид, „Балканскиот Ерусалим“, заеднички ќе биде испратена силна порака за мир, почитување и толеранција.
Сите заинтересирани можат да се пријават во просториите на Црвен крст Охрид на ул. „Димитар Влахов“ бр. 52 (спроти Гимназија), на телефоните 046 261-909 и 070 315-309 и на е-маил ohrid@redcross.org.mk, најдоцна до 22.08.2026 г.
При штафетното нуркање на здив можат да се користат и помагала (маска, пераи и сл.). Настанот ќе се реализира на посебно подготвена и обележана патека во должина од 25 м., на Градскиот базен „Атина Бојаџи“ во Охрид.
Како специјален гостин се очекува човекот „амфибија“, 72 годишниот Јане Петков од Сандански, Бугарија, кој своето учество во оваа подводна штафета за мир ќе го направи со нуркање на 25 м. со една рака врзана за телото.
Овој уникатен спортски настан во вода, ШТАФЕТНО НУРКАЊЕ ЗА МИР, организаторите се надеваат дека ќе биде инспирација и мотивација за младите и возрасните со спортски дела да ги промовираат здравите животни навики и да бидат гласот на разумот.







