Skip to main content

Министерот Сулејмани во работна посета на културните установи во Охрид

Сулејмани го истакна значењето на Охрид како еден од најзначајните културни центри во државата, со исклучително богато културно наследство, но и со динамичен и препознатлив современ културен живот.
 |  инфодеск  | 

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани денеска престојува во Охрид, во прва работна посета на институциите од областа на културата по неговото назначување на функцијата.

Во Охрид Сулејмани ги посети Центарот за култура и библиотеката „Григор Прличев“, како и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

Директорите на установите го информираа министерот за тековното работење, но и за состојбите и проблемите со кои се соочуваат во секојдневното работење. За време на разговорите посебно внимание беше посветено на програмите и проектите што институциите ги подготвуваат за следната година, а кои се дел од нивните предлог-програми во рамки на Годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Директорите ги презентираа своите планови и приоритети, како и потребите за унапредување на условите за работа, реализација на квалитетни програмски содржини, нови проекти и создавање можности за поголема достапност на културните содржини до граѓаните и посетителите.

Сулејмани го истакна значењето на Охрид како еден од најзначајните културни центри во државата, со исклучително богато културно наследство, но и со динамичен и препознатлив современ културен живот.

Тој посочи дека воспоставувањето директна и континуирана комуникација со културните институции е една од неговите заложби, со цел преку непосреден увид во работата да се согледаат реалните потреби и заеднички да се утврдат приоритетите за нивен натамошен развој.

„Охрид има посебно место во македонската култура. Тука се среќаваат богатото културно наследство, традицијата и современото творештво. Нашата обврска е да го зачуваме она што го наследивме, но истовремено да создаваме услови културата да живее, да се развива и да биде достапна до сите. Тоа можеме да го постигнеме само со силни институции и со партнерски однос со луѓето кои секојдневно го создаваат и го чуваат културниот живот“, рече Сулејмани.

Тој нагласи дека Министерството за култура и туризам останува посветено на поддршка на работата на културните установи, особено во делот на квалитетните програмски содржини, заштитата и афирмацијата на културното наследство и создавањето услови за современ културен развој.

Работната посета на Охрид следуваше по синоќешното присуство на министерот Сулејмани на завршниот концерт со кој беше заокружена музичката програма на 66-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.