ТЦ Охрид влегува во завршната фаза, напредува проектот за енергетско поврзување со Албанија

Директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, денеска во Трафостаницата Охрид ја пречека вршителката на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Никол Варнс, при што го презентираше напредокот на проектот за енергетско поврзување на Северна Македонија со Албанија.
Станува збор за значаен инфраструктурен проект кој, преку изградбата на 400 kV далекуводот Битола–Елбасан, треба да придонесе за поголема енергетска сигурност, зголемување на прекуграничната размена на електрична енергија и посилна регионална интеграција.

„ТЦ Охрид влегува во завршната фаза, додека изградбата на далекуводот се одвива со добра динамика и со видлив напредок на терен“, истакна Љатифи.
Тој посочи дека енергетското поврзување на Северна Македонија продолжува и преку планови за зајакнување на интерконекциите со Косово и Бугарија, како и унапредување на поврзаноста со Грција.
„Колку повеќе сме поврзани, толку сме посигурни. Колку повеќе сме регионално интегрирани, толку сме поотпорни и постабилни“, порача директорот на МЕПСО.
Љатифи упати благодарност до Амбасадата на САД за партнерството и поддршката во реализацијата на проектите кои имаат за цел создавање посилен, побезбеден и енергетски поврзан регион.







