Skip to main content

Нов вид асфалт ги разладува градовите

Мароко започна да тестира нов вид пропустлив и порозен асфалт во градови како Маракеш и Агадир.
 |  инфодеск  | 

Класичниот црн асфалт со децении е стандард на патиштата, но има сериозен недостаток затоа што во текот на летните горештини акумулира огромни количества топлина. Кога температурата на воздухот достигнува 40 степени Целзиусови, површината на асфалтот може да се загрее и над 60 степени. Тоа дополнително го засилува ефектот на „топлотен остров“ во градовите.

Токму поради тоа, Мароко започна да тестира нов вид пропустлив и порозен асфалт во градови како Маракеш и Агадир.

За разлика од класичниот асфалт, кој дождовницата директно ја насочува кон канализацијата, новиот материјал овозможува водата да продира во подлогата, каде што се задржува и постепено испарува. При испарувањето се троши топлина од околината, со што природно се разладува коловозот и просторот околу него.

Поради ова, експертите овој систем го опишуваат како своевиден „природен клима уред“ за градските улици.

Новата технологија има и други предности. Таа може да помогне во намалувањето на ризикот од урбани поплави при обилни врнежи, да придонесе за обновување на подземните води и побрзо да ја отстрани водата од коловозот.

Експертите посочуваат дека традиционалниот асфалт апсорбира меѓу 80 и 95 отсто од сончевото зрачење. Тоа има негативно влијание и врз пневматиците, притисокот во гумите и прилепувањето на возилата при екстремно високи температури. Пропустливиот асфалт овозможува постабилна температура на подлогата, а потенцијално може да придонесе и за поголема безбедност во сообраќајот, како во текот на летните горештини, така и во дождливи денови.