Skip to main content

Николоски: Инвестираме преку 5, 6 милиони евра во изградба на булевари, улици и комунална мрежа во Струга

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, во работна посета на Струга, заедно со градоначалникот Менди Ќура изврши увид во реализацијата на неколку инфраструктурни проекти.
 |  инфодеск  | 

Повеќе од 5,6 милиони евра изнесува поддршката од Министерството за транспорт за капитални инвестиции во општина Струга, во делот на булевари, улици и комунална инфраструктура.

Ова го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, при работната посета на Струга, каде заедно со градоначалникот Менди Ќура изврши увид во реализацијата на неколку инфраструктурни проекти.

Меѓу проектите е изградбата на булеварот „Туристичка“, за кој преку Министерството за транспорт се издвоени 175 милиони денари, како и изградбата на улицата „Источно-Колекторска“, која треба да се поврзе со „Туристичка“.

Николоски информираше и дека се финализира проектот кај „Езерски лозја“, кој се реализира во соработка со Светска банка. Според најавите, работите треба да бидат завршени до крајот на следната недела, по што делницата ќе биде пуштена во употреба.

На средбата било разговарано и за унапредување на канализационата инфраструктура. Со поддршка на Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање се реализира канализациски систем во Враништа, а се разгледува можноста проектот да биде продолжен со дополнителни 700 метри мрежа, како и со уште еден километар.

Како нов инфраструктурен проект е најавено и продолжување на улицата „Колекторска“ до магистралниот пат Струга–Охрид, со изградба на поголем кружен тек кај Мислешево.

„Целта е да се подобри сообраќајната поврзаност и да се намали бројот на сообраќајни несреќи на оваа делница“, истакна Николоски.