Skip to main content

Во финална фаза законот за уредување на крајбрежјата на трите природни езера

До крајот на годинава се очекува да биде завршен законот за уредување на крајбрежјата на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, најави денеска во Струга вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Целта е по завршувањето на потребните постапки, од почетокот на туристичката сезона во април и мај да нема ситуации со плажите какви што имало во изминатите години.
 |  Маја Савиќ  | 
плажи Струга

Во финална фаза е изработката на законот со кој треба да се уреди крајбрежјето на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и да се решат прашањата поврзани со плажите и затекнатата состојба. Ова денеска во Струга го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со плажите и работењето без концесии.

Николоски посочи дека во изработката на законот се координираат со градоначалниците на Струга, Охрид, Ресен и Дојран, со цел да бидат опфатени сите три природни езера.

„Во финална фаза е изработка на закон којшто треба да ги реши сите овие прашања, и што ќе правиме со затекнатата состојба, којашто е факт дека ја има. Од една убава идеја којашто беше да се оплемени просторот, дел, не сите, имаме и исклучоци коишто се позитивни, таа идеја ја злоупотребија“, рече Николоски.

Тој нагласи дека досега немало посебен закон со кој се уредуваат крајбрежјата на трите езера.

Ова ќе биде прв закон којшто ќе го уреди крајбрежјето на овие три езера. За Охридското Езеро ја имаме и препораката на УНЕСКО и таа ќе биде целосно испочитувана во рамки на овој закон“, посочи Николоски.

Според него, целта е законот да биде завршен до крајот на годината, по што треба да се завршат потребните постапки, за со почетокот на туристичката сезона, во април и мај, да нема ситуации какви што, како што рече, се случувале во изминатите десет години и коишто се недозволиви и не смеат повеќе да се повторуваат.