СВР Охрид со 479 прекршоци во засилените контроли на тротинети, мопеди, мотоцикли и велосипеди

СВР Охрид со засилени сообраќајни контроли констатираше вкупно 479 прекршоци кај возачи на електрични тротинети, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
Контролите се спроведени во периодот од 18 мај до 31 јули 2026 година, во рамки на зајакнатите акциски контроли на Министерството за внатрешни работи на целата територија на државата.
Од вкупниот број прекршоци констатирани во Охрид, 59 се однесуваат на возачи на електрични тротинети, додека 420 прекршоци се констатирани кај возачи на велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
На национално ниво, во текот на контролите биле констатирани вкупно 965 прекршоци од возачи на електрични тротинети. Најголем дел од нив, односно 519, се однесуваат на непрописно движење, односно возење по површини наменети за пешаци, наместо по велосипедска патека или лента.

Во однос на контролите насочени кон велосипедите со помошен мотор, мопедите, мотоциклите, трициклите и четирициклите, на ниво на државата се констатирани 6.932 прекршоци, како и дополнителни 33 прекршоци сторени од возачи на велосипеди.
Од овие прекршоци, дури 5.678 се однесуваат на неносење заштитен шлем, односно кацига при управување со овие видови возила.
Во текот на акциските контроли на национално ниво констатирани се и 15.715 други прекршоци, додека против 503 возачи се поднесени кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик.
За сите констатирани прекршоци преземени се соодветни мерки и санкции согласно законските прописи.
Министерството за внатрешни работи продолжува со зајакнатите сообраќајни контроли, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.
Од МВР апелираат до сите возачи на електрични тротинети, велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли одговорно да учествуваат во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите, задолжително да користат заштитен шлем и да не управуваат под дејство на алкохол или други психоактивни супстанции. Особено се апелира до возачите на електрични тротинети да се движат исклучиво по пропишаните површини и да не ја загрозуваат безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот.







