Свечено доделени дипломите на матурантите во OЕМУЦ „Св. Наум Охридски“

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид свечено беа доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2025/26 година.
По четири години исполнети со учење, труд, предизвици, дружење и бројни успеси, матурантите го одбележаа завршувањето на своето средно образование.
На свеченоста им се обратија заменик-градоначалничката на Охрид, Ана Крстеска, и директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Сашо Недески.

Во рамките на свеченоста, на учениците со континуиран успех им беа доделени пофалници како признание за нивната посветеност, труд и постигнати резултати.

Посебно признание заслужија Андреа Савиќ, првенец на генерацијата, и Јана Кузманоска, добитник на пофалница за посебна афирмација на училиштето.


„Горди сме на сите вас. Вашиот успех е резултат на вашата работа, но и на посветеноста на вашите професори, ментори, родители и партнери од компаниите“, порачаа од училиштето.
Директорот Сашо Недески истакна дека дуалното образование им овозможило на учениците, покрај теоретското знаење, да стекнат и практични вештини и искуства, со што се подготвуваат за предизвиците што ги очекуваат.

„Драги матуранти, пред вас е нов пат, нови можности и нови предизвици. Бидете храбри, чесни, упорни и свои. Верувајте во себе и секогаш давајте го својот максимум! Не заборавајте дека ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид секогаш ќе биде вашиот втор дом, а вратите на училиштето секогаш ќе бидат отворени за вас“, им порача Недески на матурантите.
Од училиштето им посакаа на матурантите успех на нивниот понатамошен пат, со надеж дека стекнатото знаење, вештини и искуства ќе им бидат темел за идните професионални и лични достигнувања.











