Skip to main content

Вечерва започнува Охрид Џез Фестивал 2026

Охрид Џез Фестивал 2026 носи четири вечери, различни музички изрази и една заедничка љубов, џезот. Организатор на фестивалот е Општина Охрид, а влезот за сите фестивалски вечери е бесплатен.
 |  Маја Савиќ  | 

Охрид повторно ќе биде во знакот на џезот. Од вечерва па до 30 август ќе се одржи Охрид Џез Фестивал 2026, кој во четири фестивалски вечери ќе понуди разновидна музичка програма и настапи на млади музичари, домашни автори и меѓународни гости.

Фестивалот започнува на 27 август со Вечер на млади музичари, насловена „Ехо од Македонија“, во рамките на која ќе настапат учениците и професорите од ОМУ „Методи Патче“ – Охрид.

На 28 август следува Етно џез вечер со настап на дуото Сашко Костов и Орхидеја Дукова, кои пред охридската публика ќе ја претстават својата музичка приказна во спој на етно и џез звук.

Љубителите на класичниот џез ќе имаат можност да уживаат на 29 август, кога ќе настапи состав предводен од Дамјан Пејчиноски на гитара, заедно со Зоран Јагоридовски на перкусии, Дејан Милосавлевиќ на тапани, Гордан Спасовски на пијано и Горан Гешовски на бас гитара.

Фестивалот ќе заврши на 30 август со Меѓународната џез вечер, на која ќе настапи Branko Sterpin Quartet, со специјалниот гостин Tim Lassy од Финска.

Охрид Џез Фестивал 2026 носи четири вечери, различни музички изрази и една заедничка љубов, џезот. Организатор на фестивалот е Општина Охрид, а влезот за сите фестивалски вечери е бесплатен.