Skip to main content

Вирусот на Западнонилска треска откриен кај угинат гавран во Ресен

Министерот за здравство Сашо Клековски, смета дека мртвата птица е доказ за локална циркулација на вирусот.
 |  инфодеск  | 

Агенцијата за храна и ветеринарство потврди присуство на западнонислкиот вирус кај мртов гавран во Ресен.

Во период од 24.08.2026 до 27.08.2026 пристигнати се повеќе од 100 пријави од граѓани, дел од пријавите се однесуваат на угинати птици, како што се врапчиња и други видови, кои не се соодветни за испитување за Западно нилска треска. Поради тоа, не секоја пријава може да резултира со земање примерок и лабораториско испитување. Од тестираните примероци, досега се добиени два позитивни лабораториски резултати – еден кај угината птица пронајдена на подрачјето на Скопје и еден кај птица пронајдена на подрачјето на Ресен, информираа од АХВ.

Министерот за здравство Сашо Клековски, смета дека мртвата птица е доказ за локална циркулација на вирусот.

„Агенцијата за храна и ветеринарство го потврди мртвиот гавран со вирус на западнонилска треска во Ресен, во централното подрачје во паркот покрај општината. Гавранот е генерално стационарна птица, значи не е птица преселница и пронаоѓањето на мртвиот гаван е показател на локална циркулација на вирусот на западнонилска треска“, изјави Клековски.

За мртвиот гавран заразен со вирусот веднаш бил известен Центарот за јавно здравје Битола и градоначалникот на Општина Ресен. Клековски очекува тие да направат ревизија на плановите за прскање против комарци и да почнат со прскање по индикација.

На веб-страницата healthalert.mk, каде што треба постојано да се објавуваат податоци за заразените со вирусот, нема податок за регистриран случај на заразен со вирусот на Западнонилска треска од Ресен.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили теренските активности за следење на состојбата со западнонилската треска кај птиците. Надзорот ќе се спроведува на целата територија на државата, преку лабораториско тестирање на примероци од домашна живина и диви птици, со цел навремено откривање на евентуални случаи на болеста.

 Од АХВ апелираат граѓаните да не создаваат непотребна загриженост при појава на поединечна угината птица во урбана средина. Особено внимание треба да се посвети доколку на исто подрачје и во краток временски период се забележат поголем број угинати гаврани или други диви преселни птици, за што треба да биде известена АХВ.