Започнуваат уписите за есенскиот циклус на програмата „ПОЛЕТАРЧЕ“

Црвен крст Охрид започнува со уписите за есенскиот циклус на програмата „ПОЛЕТАРЧЕ“, наменета за деца од 3 до 5 години.
Преку игра, забава и дружење, децата ќе имаат можност да ја развиваат и зајакнуваат самодовербата, како и да стекнуваат вештини значајни за нивниот понатамошен развој и успешно совладување на училишните задачи.
Програмата опфаќа креативни и едукативни вежби за броење, помнење и концентрација, размислување, графомоторика и фина моторика, како и активности за осознавање на просторните и временските односи. Дел од програмата се и вежби за развој на говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вештини и насочување и одржување на вниманието.
Вежбите се приспособени на возраста и потребите на секое дете, со цел тоа да стане посвесно за своите способности, да научи да не се откажува при соочување со грешки и да стекне храброст слободно да ја изразува својата креативност.
Планирани се и најразлични теренски работилници на кои дечињата ќе го запознаат со многу корисни спортски содржини, со училишното опкружување и снаоѓање во сообраќајот и др.
Есенскиот циклус од програмата трае 3 месеци со изведување на вкупно 12 часови, по еден час седмично, во траење од 45 минути.
Сите заинтересирани можат да се информираат и пријават на телефоните 046 261 909 или 072 246 175, на е-маилот ohrid@redcross.org.mk или во просториите на Црвен крст Охрид, започнувајќи од денес 27.08.2026 г., секој работен ден од 8 до 16 ч., а детални информации за оваа програма, заинтересираните ќе можат да добијат на отворениот ден за програмата ПОЛЕТАРЧЕ кој ќе се реализира на 11.09.2026 г. (петок) од 17-19 ч. во просториите на Црвен крст Охрид.






