Skip to main content

Православните христијани го слават празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица

Овој ден спаѓа во дванаесетте големи христијански празници а поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.
 |  инфодеск  | 

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско денес го одбележува големиот христијански празник Голема Богородица. Овој ден спаѓа во дванаесетте големи христијански празници а поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.

Река од луѓе утрово ја посетија истоимената црква во Охрид, се помолија за здравје, запалија свеќи, каснаа нафора наполнија од осветената вода а некои се причестија после двонеделниот Богородичен или Преображенски пост.

Во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско синоќа се отслужи празнична Вечерна богослужба со Опело на Пресвета Богородица, на која чиноначалствуваваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.

Црквата нѐ учи дека Марија, мајката на Исус, завршувајќи го текот на земниот живот на најсвет начин, била преземена со тело и душа во небесна слава. Христијаните веруваат дека, како и Исус, и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото. Оттаму и називот успение, што значи искачување.

По повод празникот денес и во Скребатно во црквата посветена на Богородица, се одржува голем црковно народен собир на кој присуствуваат неколку илјади верници од земјава и иселеници од странство.