Skip to main content

Природниот прираст во Охрид и понатаму негативен

Иако споредено со второто тромесечје од минатата година, во 2026 се родиле повеќе бебниња сепак продолжува трендот на негативен природен прираст.
 |  инфодеск  | 

И во второто тримесечје во 2026 година природниот прираст во Охрид е негативен: -51

Во второто тримесечје од годинава, во споредба со истиот период од 2025 година, бројот на живородените деца изнесува 101 што е зголемување за 2,97%, покажуваат податоците кои ги објави Државниот завод за статистика.

Бројот на умрените лица во второто тримесечје од 2026 година изнесува 152 лица, а од нив 1 е умрено доенче.

Природниот прираст е негативен и изнесува -51, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Во ова тримесечје од годината се склучени 94 бракови, а регистрирани се и 12 разведени бракови.

Во второ тримесечје од 2026 година во Струга приуродниот прираст е позитивиен и изнесува 20. Бројот на живородени деца е 112 а починале 92 лица од кои две новороденчиња. Во ова тромесечје во Струга склучени се 82 бракови а разведени се 21.

На ниво на државата природниот прираст е негативен: -1 005.

Во второто тримесечје од 2026 година, во споредба со истиот период од 2025 година, бројот на живородените деца изнесува 3 684 и е намален за 3.0 %.

Бројот на умрените лица во второто тримесечје од 2026 година бележи намалување од 0.6 % во споредба со истото тримесечје од 2025 година и изнесува 4 689 лица, а од нив 10 се умрени доенчиња.

Во ова тримесечје од годината се склучени 2 732 бракови и нивниот број е намален за 2.2 % во споредба со истиот период од 2025 година, а регистрирани се и 406 разведени бракови.