Skip to main content

Дополнителни термини за прегледи за артериска циркулација на нозете во охридскиот Кардиолошки центар

„Остануваме посветени на здравјето на нашите пациенти“, порачуваат од болницата, повикувајќи на поголема информираност, превенција и навремено откривање на периферната артериска болест.
 |  инфодеск  | 

ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид во текот на септември ќе овозможи дополнителни прегледи на артериската циркулација на нозете со Доплер метода, како дел од кампањата за подигнување на свеста за периферната артериска болест (ПАБ).

Од болницата информираат дека секојa среда во текот на септември, во втора смена (попладне), ќе бидат достапни по пет дополнителни прегледи. Заинтересираните граѓани треба да ги закажат прегледите преку системот „Мој Термин“.

Активноста се реализира во рамки на месецот посветен на подигање на свеста за ПАБ, заболување кое претставува сериозен здравствен проблем, а често останува недијагностицирано или се открива во подоцнежна фаза.

Периферната артериска болест настанува поради намален проток на крв низ артериите, најчесто кон долните екстремитети. Навременото откривање и третман се од особено значење за спречување на сериозни компликации, вклучително и трајно оштетување и ампутација.

Од Охридската кардиолошка болница посочуваат дека имаат долгогодишно искуство во дијагностицирањето и лекувањето на ПАБ, со стручен кадар и современа опрема за дијагностика, како и можност за изведување сложени интервентни процедури.

„Остануваме посветени на здравјето на нашите пациенти“, порачуваат од болницата, повикувајќи на поголема информираност, превенција и навремено откривање на периферната артериска болест.