Струга го чува сјајот на македонската народна носија, Ревијата годинава одбележува 55 години

Во Струга од 4 до 6 септември ќе се одржи традиционалната Ревија на народни носии – Струга 2026, манифестација која годинава одбележува значаен јубилеј, 55 години од првата ревија на македонски народни носии.
Под мотото „Сјајот на македонската народна носија 55 години“, тридневната програма ќе понуди проекции, промоција на монографија, изложба, меѓународна вечер и завршна ревија, со која ќе се одбележи повеќедецениската традиција на оваа културна манифестација.
Програмата започнува во петок, 4 септември, во 19 часот, во Центарот за култура во Струга, со проекција на документарниот филм „Занаети и време – Филигранство и кујунџиство“, авторски проект на РТВ Скопје од 1982 година.
Веднаш потоа, во 19:30 часот, ќе следува промоција на монографијата „Охридско-струшкиот кувенциски центар“, чиј автор е Љупчо Милошески.

Во сабота, 5 септември, програмата продолжува со изложбата „Црквите и манастирите во Гевгелиско“, со автор ЈОУ Дом на култура „Македонија“ – Гевгелија, која ќе биде отворена во 19 часот во Центарот за култура.
Од 19:30 часот е предвидена Интернационална вечер, во чии рамки ќе биде презентиран фестивалот „Бисерна Грана“, како и ревија на народни носии од Република Србија. Автор на програмата е КЦ „Младост“ од Футог.
Кулминацијата на тридневната манифестација ќе биде во недела, 6 септември, со почеток во 19 часот, кога ќе се одржи централната Ревија на народни носии – Струга 2026, под наслов „Сјајот на македонската народна носија 55 години“.

Првата Ревија на народни носии во Струга била одржана далечната 1971 година. Како што велат организаторите, она што тогаш го започнале Томе Жупан, Сотир Опетче, Димче Ликоски, Раде Кутан и Ристе Миса продолжува и денес, со цел да се зачува, афирмира и пренесува богатото македонско фолклорно и етнографско наследство.
Организаторите упатуваат голема благодарност до Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, кое и оваа година ја препозна важноста на манифестацијата и ја вброи во годишната програма како проект од национален интерес во културата.
Покровители на настанот се Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Општина Струга, додека организатори се Н.У.Ц.К. „Браќа Миладиновци“ – Струга и КУД „Илинден“ – Струга.







