Во Охрид утре ќе се одбележат 82 години од формирањето на Шестата народноослободителна бригада

Во петок, 4 септември, со почеток во 10 часот, во просторот на поранешната касарна во Охрид, пред Спомен-паркот посветен на генерал Михајло Апостолски, ќе се одбележат 82 години од формирањето на Шестата народноослободителна бригада и 33 години од формирањето на Шестата пешадиска бригада на АРМ.
Одбележувањето ќе се одржи пред новоподигнатата биста на генерал Михајло Апостолски, првиот командант на Главниот штаб на партизанските единици во антифашистичката и ослободителната војна.
Свеченоста ја организира Асоцијацијата на ветераните од одбраната и заштитата од Охрид, а најавено е присуството на градоначалникот на Охрид , Кирил Пецаков и на Дебрца, Златко Сиљаноски. На настанот се очекува присуство на високи старешини на АРМ, поранешни припадници на Шестата пешадиска бригада, претставници на СВР Охрид, боречките организации и ветерани од повеќе градови.

Во рамки на програмата, делегација ќе положи цвеќе на гробот на полковник Јосип Хајба, првиот командант на единицата, а присутните ќе ја посетат и Спомен-собата на Шестата пешадиска бригада на АРМ.
Настанот ќе биде збогатен со културно-уметничка програма со настап на фолклорен ансамбл и рецитал на ученици од ООУ „Кочо Рацин“.



