Skip to main content

Купете учеснички број и бидете дел од хуманитарната и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“

Црвен крст Охрид и оваа година ја организира традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“. Настанот ќе се одржи на 19 септември, со почеток во 11 часот, а собраните средства ќе бидат наменети за помош на деца со здравствени тешкотии од социјално загрозени семејства од Охрид и Дебарца.
 |  инфодеск  | 

Традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19 септември 2026 година (сабота).
Настанот ќе започне во 11 чaсот со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од Кеј Македонија пред хотел „Палас“, а цел на Кеј Македонија пред Центар за култура „Григор Прличев“, каде ќе продолжат спортските, културно-забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди.
Целта на оваа акција е промовирање на спортскиот дух меѓу младите преку нивно учество во различни спортско-рекреативни содржини, како и подигање на свеста кај населението за солидарност, хуманост и пружање на потребната помош на оние кои се соочуваат со социјални или здравствени тешкотии.


Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари. Секој кој ќе купи учеснички број станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 20 вредни награди и ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, шах, вртење хулахоп, скокање со јаже, пикадо и други креативни игри. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени тешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца, информираат организаторите.


Традиционален партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ е Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“ кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.


Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек. Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52.