Skip to main content

Во сообраќајната несреќа на патот Охрид-Кичево загина 33-годишниот кошаркарски тренер Антонио Савевски

Од Кошаркарската федерација на Македонија со голема тага се простија од Антонио Савевски.
 |  инфодеск  | 

Во синоќешната тешка сообраќајна несреќа на патот Охрид-Кичево животот го загуби  33-годишниот младински кошаркарски тренер Антонио Савевски од Охрид.

Савевски беше кошаркарски тренер на младински категории во Македонија, голем вљубеник во спортот и колекционерството. Последниот ангажман го имаше во клубот Ангели, каде минатата сезона ја водеше кадетската екипа, а предходно работеше во Вардар, Водно Санс и Охрид. Савевски беше познат и како колекционер кој имаше збирка од околу 500 кошаркарски дресови

Од Кошаркарската федерација на Македонија со голема тага се простија од Антонио Савевски.

„Со голема тага ја примивме веста за заминувањето на Антонио Савевски, кој на само 33 години го напушти светот на кошарката и оние со кои го споделуваше својот живот и љубовта кон спортот. Својот професионален пат го посвети на кошарката, особено на развојот и работата со младите категории. Беше дел од тренерските тимови на Охрид, Вардар, Водно Санс и Ангели, а неговата посветеност кон младите кошаркари ќе остане запаметена во македонската кошаркарска заедница. Неговото заминување е голема загуба за семејството, пријателите, колегите и целата македонска кошаркарска фамилија. Ќе остане во нашите сеќавања…“- напишаа од КФМ.

Според информациите од СВР Охрид, автомобилот со кој управувал Савевски синоќа во 23:30 прво удрил во кучиња скитници, по што излетал и удрил во металните браници покрај патот. Возилото потоа се запалило.Интервенирала Територијалната противпожарна единица Охрид која го изгаснала пожарот, а во возилото е пронајдено телото на починатиот возач.