Охрид ќе добие нови возила и специјализирана опрема за комунална хигиена

Нови специјализирани возила и опрема за одржување на комуналната хигиена ќе добијат Градот Скопје и 8 општини меѓу кои и Охрид, како дел од проектот реализиран со поддршка на Светската банка. Вкупно се набавени 49 возила, кои денеска беа промовирани од премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓеоргиевски.

Вкупно се набавени 19 мултифункционални камиони од различен тип, девет специјализирани камиони цистерни и 21 мултифункционално возило, наменети за подобрување на комуналната хигиена и чистењето на улиците.
Како што беше истакнато, опремата е набавена преку транспарентна постапка, при што од проценетата вредност од 5,5 милиони евра, набавката е реализирана за 4,2 милиони евра со што е остварена заштеда од околу 1,3 милиони евра.
„Во овој проект ќе има возила за градот Скопје,Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес, а се надевам дека со останатите проекти ќе има и за останатите општини“, истакна вицепремиерот Николоски.
Новата механизација треба да придонесе за поефикасно одржување на јавните површини и подобрување на комуналните услуги во општините кои се опфатени со проектот.



