Skip to main content

Во Охрид доделено признанието „Инженерски прстен 2026″ на 14 најдобри дипломирани инженери

Свечената церемонија се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон” – Плаошник, во Охрид, со обраќања на д-р Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија, м-р Дејан Метикош, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, и на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
 |  инфодеск  | 

Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, денес им го додели признанието „Инженерски прстен 2026″ на 14 најуспешни дипломирани инженери од инженерските факултети во рамките на универзитетите „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, „Св. Климент Охридски” – Битола, „Гоце Делчев” – Штип и Универзитетот во Тетово.

Свечената церемонија се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон” – Плаошник, во Охрид, со обраќања на д-р Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија, м-р Дејан Метикош, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, и на претседателката Гордана Силјановска-Давкова. По доделувањето на прстените, во име на наградените се обрати Стефан Спасов, еден од годинешните добитници на Инженерски прстен.

Добитници на „Инженерски прстен 2026″

Од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје признанието годинава го добија:

Марта Митева – Архитектонски факултет,

Антонио Томески – Градежен факултет,

Јане Коцески – Машински факултет,

Мила Саздова – Технолошко-металуршки факултет,

Огнен Пендаровски – Факултет за електротехника и информациски технологии,

Марија Симоновска – Факултет за земјоделски науки и храна,

Никола Петровски – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Михаил Трајков – Природно-математички факултет

Мила Чолакоска – Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер.

Од Универзитетот во Тетово признанието го доби

Арбана Касами – Факултет за применети науки.

Од Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола наградени се

Стефана Димитриеска – Технички факултет

Симеон Наловски – Факултет за информатички и компјутерски технологии.

Од Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип носители на признанието се

Стефан Спасов – Факултет за природни и технички науки

Тамара Атанасова – Факултет за информатика.

Сите наградени се номинирани од своите факултети и верификувани од Комисијата за верификација, согласно Правилникот за наградување на најдобрите дипломирани инженери со признанието „Инженерски прстен”, со просек на студирање од 9,15 до 10,00.

Претседателката Силјановска-Давкова, како покровителка на манифестацијата која веќе две децении ги афирмира знаењето и извонредноста во инженерската професија, во своето обраќање ја истакна врската меѓу вреднувањето на најдобрите млади кадри и развојот на државата:

„Најдобрите и најуспешните студенти во инженерските науки не персонифицираат само исклучителен индивидуален, личен академски успех, туку се непроценлив социјален капитал на државата. Способноста да ги задржиме најдобрите и да им овозможиме својата иднина да ја градат дома е суштинско прашање, од чиј брз и точен одговор ќе зависат економската конкурентност и долгорочниот развој на македонската држава.”

Потсетувајќи дека од пронајдоците на Леонардо да Винчи, преку изумите на Никола Тесла, до денес инженерскиот ум е еден од најсилните цивилизациски двигатели, претседателката оцени дека преку инженерството научната мисла добива апликативна општествена верификација. Според неа, инженерството најбрзо се развива во средини што знаат како да ги почитуваат знаењето и стручноста, па создавањето услови младите инженери својот талент и креативен потенцијал да ги реализираат во татковината е стратегиска цел од која зависат развојот и опстанокот на државата.

Претседателот на Инженерската институција на Македонија, д-р Андреј Лепавцов, ја поврза годинешната церемонија со одбележувањето на 35 години од независноста на државата и им се обрати на добитниците со апел да ја градат својата кариера во земјата:

„Искушението да ги однесете вашите огромни таленти во странство е реално, а глобалниот пазар агресивно бара умови како вашите. Но, јас стојам овде денес за да упатам еден клучен апел: останете во земјата. На Македонија ѝ сте потребни.”

Лепавцов посочи дека следната фаза од развојот бара системска отпорност и наведе проекти за кои е потребен домашен инженерски кадар – завршување на патните и железничките врски на Коридорите 8 и 10, реверзибилната хидроелектрана Чебрен и нови гасни интерконектори, реконструкција и изградба на системите за водоснабдување, пречистување на отпадни води и наводнување, како и дата-центри подготвени за вештачка интелигенција.

„Вистинската независност не е само политички статус; таа се гради преку економска сила и технолошка самоодржливост”, оцени тој, нагласувајќи дека инженерскиот прстен претставува круг на одговорност и потсетник да се создава безбедно и да се иновира етички.

Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, м-р Дејан Метикош, во своето обраќање ја нагласи одговорноста што ја носи инженерската професија:

„Секој мост што го проектираме, секоја зграда што ја создаваме, секој пат, систем, енергетска или технолошка инфраструктура што ја развиваме – останува зад нас како сведоштво за нашето знаење, професионалност и однос кон општеството.”

Метикош истакна дека дипломата не е крај, туку почеток на професионалното учење, во време кога дигитализацијата, вештачката интелигенција, BIM технологиите и новите материјали целосно го менуваат начинот на кој работат инженерите. Порачувајќи им на добитниците прстенот да го гледаат како обврска кон професијата, тој додаде дека младите инженери не смеат да се гледаат само како иднина – „тие се наша сегашност” – и дека на институциите, коморите и универзитетите им претстои заедничка задача да создадат средина во која најдобрите млади луѓе ќе сакаат да останат и да создаваат во Македонија.

Признанието „Инженерски прстен” секоја година го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на претседателот на државата, на најдобрите дипломирани инженери од сите државни универзитети во земјата.