Oтворена изложбата „Уште една средба со светлината“ на Јордан Манасијески во Куќата на Уранија

Во репрезентативниот простор на Галеријата на Куќата на Уранија – МАНУ во Охрид, беше отворена новата изложба на еминентниот охридски и македонски ликовен уметник Јордан Манасијески, насловена „Уште една средба со светлината“.
Изложбата, која го претставува препознатливиот творечки свет на Манасијески, беше отворена од писателот и дипломат Јордан Плевнеш и историчарот на уметност Владо Ѓорески – Рафик, а модератор на свеченоста беше Љупчо Жупан од Галеријата Букефал.

Во фокусот на поставката е светлината како еден од суштинските елементи во творештвото на Манасијески, но и како духовна и универзална категорија. Неговите дела го носат посетителот надвор од традиционалното поимање на сликарството, отворајќи простор за размислување за невидливото, духовното и универзалното.
Историчарот на уметност Владо Ѓорески – Рафик во својот критички осврт истакнува дека сликарството на Манасијески одамна ги надминува границите на ликовноста сфатена само како естетски и творечки чин.
„Манасијески не е само сликар, тој преку сликарството го открива Универзумот“, оценува Ѓорески, осврнувајќи се на неговото „длабоко понирање кон сите невидливи спектри на светлината“.
„Уште една средба со светлината“ уште еднаш го потврдува континуитетот и специфичноста на творечкиот пат на Јордан Манасијески, кој зад себе има повеќе од половина век творештво и богат уметнички опус. Минатата година тој одбележа 55 години творештво.

Неговите дела досега биле претставувани во престижни галерии и уметнички центри во Токио, Њујорк, Венеција, Фиренца, Париз, Охрид, Верона, Палермо и други светски центри на уметноста.
Манасијески е добитник на повеќе меѓународни признанија, меѓу кои наградата „Микеланџело“, награда од жирито на Биеналето на нациите во Венеција, како и признание од Јапонската асоцијација на современа уметност.
Изложбата „Уште една средба со светлината“ ќе биде отворена за посетителите до 30 септември 2026 година во Галеријата на Куќата на Уранија – МАНУ во Охрид.


(Извор: Научен и уметнички центар “Куќа на Уранија” – МАНУ, Охрид – Веле Митаноски )




