Охридскиот аеродром доби нов лик

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ кој почна да се реконструира кон средината на јули денес официјално беше пуштен во употреба. За реконструкцијата беа инвестирани 2,7 милиони евра.

– Со овој проект, чија вредност изнесува 2,7 милиони евра, средства од ТАВ Македонија ќе се инвестираат во неколку клучни сегменти на охридскиот аеродром. Првата фаза опфаќа реконструкција на патничкиот терминал и зголемување на оперативните капацитети, чек-ин просторот ќе се прошири од 6 на 8 шалтери и дополнителни 100 квадратни метри. Ова ќе овозможи зголемување на капацитетот за опслужување на нашите патници и подобра функционалност на целиот процес. Областа за безбедносна контрола и рачен багаж ќе се прошири на речиси 200 квадратни метри, просторот кај гејтовите ќе се прошири на 350 квадратни метри, просторот за подигање багаж ќе се прошири на 230 квадратни метри.
Ќе има нова duty-free продавница, нови ескалатори за патници, како и нова опрема и технологија за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците. Пасошката контрола ќе се прошири на 150 квадратни метри, канцелариите за оперативниот персонал во безбедносно – контролираната зона ќе бидат обновени на површина од 270 квадратни метри. Дополнително, паркингот пред терминалот ќе биде реорганизиран, со што протокот на патници ќе се зголеми и подобри.
Сакам да потенцирам дека дека со реконструкцијата, капацитетот на терминалната зграда се зголемува за 30% до 40%, што ќе ни овозможи да опслужуваме повеќе авиони и повеќе патници во најинтензивните часовите кога аеродромот работи со максимален капацитет. Вториот сегмент се однесува на доградбата и надградбата на административната зграда, која од 290 квадратни метри ќе достигне 746 квадратни метри. Во административната зграда, покрај канцелариите на ТАВ Македонија и нов ресторан за вработените, ќе има и нови канцеларии за Граничната полиција и Царината како и нов паркинг за вработените покрај зградата, изјави Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија.
-За само две години успеавме аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид да добие нов современ лик, олицетворение на Охридскиот регион. После 56 години аеродромот се реконструира со што ги отвораме вратите за уште повеќе туристи и авиокомпании и бројките се над очекуваните, преку 240 илјади патници од почетокот на годината до сега. Паралелно со аеродромот се работи и на инфраструктурата за многу полесен и побрз пристап, но и да се заокружи една целина во развојот на овој регион, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

На отворањето присуствуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој истакна дека овој зафат означува значаен исчекор во насока на подобрување на квалитетот на услугите кои што аеродромите во Македонија ги нудат, а охридскиот аеродром навистина добива една поинаква динамика, едно поинакво светло и еден поинаков квалитет.

-Во периодот кој што следи ќе гледаме таа уште повеќе да ја зголемиме бидејќи охридскиот аеродром е значајна алка пред се за развојот на целокупниот регион, за развој на Македонија како држава, но истовремено и развој на Охрид, на Струга и другите општини кои што се во близина на овој аеродром, повеќе туристи, повеќе туристички потенцијал затоа што на тој начин ние практично ја развиваме и македонската економија. Оваа година се бележат рекорди на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Имаме ден кога практично имаме добиено најголем број на патници до сега во историјата, повеќе од 3 илјади на еден ден. А, исто така имаме и ден кога има повеќе од 20 полетувања што исто така претставува значајна бројка, бројка која што е за почит, истакна премиерот Мицкоски.
Со 4 нови линии што ќе започнат од охридскиот аеродромот со летниот распоред на летови (Милано, Виена, Вроцлав и Катовице), како и претходно започнатата нова линија до Братислава, ТАВ Македонија очекува овој двоцифрен раст на патничкиот сообраќај да продолжи. Моментално, од Охрид, како една од најважните туристички дестинации во регионот, летаат 8 авиокомпании до 17 дестинации, меѓу кои 3 се чартер летови.





