Skip to main content

Културолошка Иницијатива „5 до 12“

„Ноќ на музеи“ во Охрид: Една вечер, 12 локации и безброј приказни

„Ноќ на музеи“ е можност за охриѓани и посетителите на градот на поинаков начин да го доживеат богатото културно и историско наследство на Охрид, низ неговите музеи, старите куќи, уметничките простори и традиционалните занаети.
 |  инфодеск  | 

Охрид на 12 септември ќе биде домаќин на „Ноќ на музеи“, културна манифестација која ќе ги обедини музеите, галериите, старите охридски куќи, ателјеата и традиционалните занаети во една единствена културна маршрута низ стариот дел на градот.

Од 19:00 до 23:00 часот, улицата „Цар Самоил“ и охридскиот Стар град ќе се претворат во голема отворена сцена на културата, со програма на 12 локации. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во изложби, музика, поезија, вино, но и да се запознаат со традиционалните охридски занаети и нивната богата историја.

На програмата се презентации на филигранскиот занает во „Малезан Филигран“, посета на музејот „А. ден Долаард“, како и дегустација на вино во „Концепт XI“.

Во „Куќата на Робевци“ ќе биде поставена изложбата „Охрид – свето таинство“ од Зоран Летра, додека во Музејско-културниот центар „Лапидариум“ посетителите ќе можат да го погледнат „Охрид низ фотографии“.

Во „Куќата на Уранија – МАНУ“ ќе биде претставена изложбата „Уште една средба со светлината“ од Јордан Манасијески, во организација на Галерија „Букефал“.

Посебно место во програмата има и Спомен-куќата на Христо Узунов, каде ќе се одржи презентација посветена на ликот и делото на Узунов, неговата поставка и „Писмата на Христо Узунов“, со Михаил Патчев.

Љубителите на традиционалните занаети ќе можат да се запознаат со процесот на изработка на стара хартија во Националната работилница „Паневски“, како и со охридската резбарска традиција во ателје „Трон“.

Во Вила „Пупин“ ќе има презентација на винскиот подрум и дегустација на вино од Винарија „Охрид“, проследена со инструментална староградска музика во изведба на ВИС „Билјана“.

Традицијата на изработка на охридскиот бисер ќе биде претставена во „Охридски бисери Филеви“, каде посетителите ќе имаат можност да дознаат повеќе за историјата, традицијата и специфичниот процес на создавање на еден од најпрепознатливите симболи на Охрид.

Финалето на „Ноќта на музеи“ ќе се одржи во дворот на црквата „Св. Софија“, каде ќе биде поставена изложба на дела од Охридската ликовна колонија 2026. Програмата ќе биде збогатена со коктел од Летна Бавча „Канео“ и оперско-инструментален перформанс со Исабела Димовска – мецосопран и Искра Атанасова-Митуш – пијано.