Историски чекор за „Св. Еразмо“, за првпат изведени три роботски ендопротези на колено

За првпат во ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ Охрид беа изведени три роботски навигирани операции за поставување тотална ендопротеза на колено, со што установата прави значаен исчекор во примената на современите технологии во ортопедската хирургија.
Зафатите беа изведени на пациенти од регионот од страна на комбиниран медицински тим од „Св. Еразмо“, предводен од проф. д-р Константинос Макридис од Грција. Во тимот учествуваа ортопедите спец. д-р Огнен Шешоски, спец. д-р Атанас Поп-Стефанија, спец. д-р Александар Стевоски, спец. д-р Стефан Бакаловски и д-р Дамјан Танески, анестезиологот спец. д-р Александар Веслиевски, анестезиолошкиот техничар Елизабета Мурџоска, инструментарките Јулијана Николеска Целеска и Наташа Иваноска, како и болничарот Тони Димитриески.

Со воведувањето на роботски навигирана ендопротетика на колено, „Св. Еразмо“ се вбројува меѓу пионерите во примената на роботската хирургија во ортопедијата во земјава. Роботската технологија претставува современ пристап кој овозможува поголема прецизност при планирањето и изведувањето на сложените ортопедски зафати и е сè позастапен во развиените здравствени системи.

„Ми претставува особено задоволство да ја информирам јавноста дека за првпат во нашата институција, ЈЗУ „Св. Еразмо“ Охрид, тимот ортопедски хирурзи предводен од проф. д-р Макридис изведува роботски навигирани операции на колено, односно поставување тотална протеза на колено. Со тоа нашата институција влегува меѓу пионерите на роботската хирургија во областа на ортопедијата во Република Северна Македонија“, изјави директорот на болницата, спец. д-р Хари Шокароски.Тој додава дека со ваквите достигнувања јавното здравство го следи современиот развој на медицинската наука и технологија, со цел унапредување на здравствената грижа и подобрување на третманот на пациентите.
Од болницата „Св. Еразмо“ упатуваат искрена благодарност до Министерството за здравство, министерот Сашо Клековски и Владата на Република Северна Македонија за поддршката во реализацијата на овој значаен чекор за болницата.




