Skip to main content

AI фотографии во стилот на 80-тите се забавни, но малкумина размислуваат за приватноста и еколошката цена

AI трендовите можат да бидат забавни и креативни, но приватноста не треба да биде цената за добра фотографија.
 |  инфодеск  | 

Фотографиите обработени во стилот на осумдесеттите станаа еден од позабележителните AI трендови на социјалните мрежи. Некои сакаат да видат како би изгледале во ретро гардероба, други ги претвораат своите фотографии во сцени што потсетуваат на старите филмови, додека дел од корисниците ја користат вештачката интелигенција за да оживеат семејни спомени.

Начинот на кој се користат фотографиите зависи од платформата и нејзините поставки. Кај одредени сервиси, содржината што ја испраќаат корисниците може да се користи за подобрување на моделите, доколку таа опција не е исклучена. Тоа не значи автоматски дека секоја фотографија се додава во база на лица или дека врз основа на неа се создава личен профил. Сепак, корисниците треба внимателно да ги прочитаат правилата за приватност и да проверат кои опции за контрола на податоците им се достапни.

Доколку користите ChatGPT, во апликацијата или веб-верзијата можете да ги проверите поставките за контрола на податоците:

Профил → Поставки → Контрола на податоци → исклучете ја опцијата „Подобри го моделот за се“.

По исклучувањето на оваа опција, новите разговори остануваат во историјата, но не се користат за обука на моделите. Поставката се применува на корисничката сметка, без оглед на уредот од кој пристапувате.

За содржини што не сакате да останат во историјата, достапна е и опцијата за привремен разговор. Сепак, и тогаш не треба да испраќате податоци што не би сакале да ги споделите со непознато лице или сервис.

Без оглед на тоа кој AI алат го користите, особено внимание е потребно кога станува збор за фотографии што содржат чувствителни или лични податоци.

  • лични документи, фотографии од пасош или лична карта;
  • медицински наоди со видливи лични податоци;
  • банкарски картички и други финансиски документи;
  • фотографии од деца без оправдана причина и соодветна согласност;
  • фотографии од други лица без нивна дозвола.

Пред да испратите фотографија, добро е да проверите дали на неа се гледаат и други детали што можат да откријат повеќе информации отколку што сте планирале како адреса, регистарски таблички, училиште, работно место или други препознатливи податоци.

AI портретите во ретро стил имаат и еколошка цена

Една фотографија генерирана со вештачка интелигенција има релативно мал еколошки отпечаток. Проблемот се јавува поради масовноста на користење.

Создавањето една AI фотографија трае само неколку секунди, но зад оваа навидум едноставна трансформација стои значителна компјутерска инфраструктура, а со тоа и потрошувачка на електрична енергија, вода и хардвер.

Истражување на Carnegie Mellon University и Hugging Face, цитирано од Firstpost, проценува дека генерирањето една AI фотографија може да потроши меѓу 0,01 и 0,29 киловат-часови (kWh) електрична енергија, во зависност од системот и процесот на генерирање.

А генерирањето фотографии е само еден дел од растечката енергетска побарувачка на вештачката интелигенција.

Според Универзитетот на Обединетите нации, секојдневниот процес на користење на AI моделот откако тој е веќе обучен сочинува приближно 80 до 90 проценти од неговата вкупна енергетска побарувачка. Вештачката интелигенција за кратко време премина од повремена технологија за експериментирање во секојдневна алатка за милиони луѓе.

Платформа како ChatGPT, според проценките наведени во анализата, обработува околу 2,5 милијарди барања дневно, што значи потрошувачка од стотици гигават часови електрична енергија на годишно ниво.