Студентските домови во земјава стануваат енергетско ефикасни

Студентските домови во земјава добиваат нов лик. Девет државни студентски домови, шест ресурсни центри и еден ученички дом во Скопје ќе бидат темелно реконструирани, стануваат енергетско ефикасни објекти.
Проектот вреден 85,5 милиони евра треба да донесе подобри услови за живот и учење за повеќе од 5.000 студенти и ученици.
„Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови се спроведува во нашата држава и е во вкупна вредност од 85,5 милиони евра. Од нив, 60 милиони евра се обезбедени преку два заеми од германската развојна банка KfW. Дополнително, обезбедуваме значајна грант-поддршка во висина од околу 21 милион евра преку програмите на Европската Унија.”– изјави Дамјан Стојковски, МОН / PIU.
Во првата фаза се реконструираат домовите „Стив Наумов” и „Кузман Јосифовски Питу” во Скопје. Во втората се опфатени уште седум домови, меѓу кои и „Никола Карев” во Охрид, каде наскоро треба да започнат градежните активности.
Обновата нема да се сведе само на фасади и системи за греење. Предвидени се нови санитарни и електрични инсталации, мерки за безбедност, подобрување на заедничките простории, а каде што е соодветно и обновливи извори на енергија.
„Со оваа програма, Европската Унија, во партнерство со Германската развојна банка KfW и Министерството за образование на Северна Македонија, ја поддржува земјата во реконструкцијата на студентските домови, со што се обезбедуваат подобри услови за живот на студентите и се подобрува енергетската ефикасност на објектите. Имаме подобри услови за живот на студентите, енергетски поефикасни јавни објекти, намалена потрошувачка на енергија и почиста животна средина.” – изјави Оливер Јунгер, KfW.
Целта е потрошувачката на енергија во обновените објекти значително да се намали. Кај четири домови – во Охрид, Прилеп, Штип и „Томе Стефановски Сениќ” во Скопје – обновата ќе биде според повисок стандард, близу до нивото на згради со речиси нулта потрошувачка на енергија.
Проекциите покажуваат просечно намалување на потребата од енергија за 56 проценти и намалување на емисиите на CO₂ за 49 проценти. На годишно ниво се очекуваат заштеди од околу 7.700 мегават-часови и 3.400 тони CO₂.
„Европската Унија обезбедува грантови за инвестиции и техничка помош, кои ги комбинира со заеми од банки. Со комбинирањето на грантовите со заемите, финансирањето на инвестициите станува многу поповолно и поатрактивно за владите. Целта е да се намали потрошувачката на енергија, но истовремено и емисиите на CO₂, кои негативно влијаат врз нашата клима.” – изјави Стефано Елеро, Делегација на ЕУ.
Проектот се реализира во три фази. Проектирањето за ресурсните центри и ученичкиот дом веќе започна, а целосната реализација е предвидена до декември 2031 година.
Финансирањето е обезбедено преку 60 милиони евра заеми од KfW, 21 милион евра грантови од Европската Унија и 3,85 милиони евра од Министерството за образование и наука. Во перспектива, вкупната инвестиција се очекува да надмине 100 милиони евра.




