Изложбата „Низ фотографскиот објектив на Македонида“ ќе биде отворена во петок во Куќата на Робевци

Изложбата „Низ фотографскиот објектив на Македонида“ ќе биде отворена на 18 септември (петок) во 19 часот, во Куќата на Робевци во Охрид. Изложбата е организирана од Здружението „Македонида“, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
Поставката претставува избор на фотографии од архивата на „Македонида“, создадени во рамки на едицијата книги-водичи посветени на средновековните цркви во Македонија, Пелагонија, Мариово, Преспа и Охрид.
Преку фотографскиот објектив се претставени значајни фрескоансамбли и цркви, од „Света Софија“ во Охрид до манастирот „Свети Наум“, со фокус на развојот на христијанската иконографија и фрескосликарството од XI до почетокот на XIX век.
Изложбата има за цел преку фотографијата да го доближи богатото културно и духовно наследство до пошироката јавност и да ја нагласи важноста од неговата заштита и афирмација.
Куратори на изложбата се Гордана Велков и м-р Владимир Таневски.




