Расте бројот на иницијативи до Уставниот суд, но довербата во судството останува предизвик

Потребни се радикални промени за зголемување на довербата во судството. Од Уставниот суд на земјава велат дека засилено работат на поголема транспарентност и отвореност. Одлуките се образложуваат пред јавноста, а седниците на Судот се пренесуваат во живо, со цел граѓаните непосредно да имаат увид во аргументите врз кои се носат одлуките.
Дека расте довербата, потврда е и рекордниот број иницијативи поднесени годинава до Уставниот суд.

„Со овие два значајни чекори што ги направивме, во првата половина на оваа година бројот на иницијативи што пристигнале до Судот е апсолутен рекорд во историјата на уставното судство. Во првите шест месеци пристигнале иницијативи колку што не сме решавале годишно досега. Тоа значи дека граѓаните почнуваат да имаат доверба во Уставниот суд”, изјави Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд.
Една од пораките од конференцијата, која се одржува во Охрид на тема зголемување на довербата во Уставните судови, е потребата од поголемо дистанцирање од политиката, но и воведување уставна жалба како механизам за заштита на правата на граѓаните.

„Северна Македонија би требало да го направи она што го имаат голем број соседни држави и европски земји – да воведе сеопфатна уставна жалба. На тој начин граѓанинот ќе може самиот да се заштити доколку државата ги повредува неговите човекови права. Тоа е мојата препорака за Северна Македонија во однос на уставното право – граѓанинот да може сам да се заштити”, вели Штефан Пирнер од Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ).

„Важно е да се нагласи следново: граѓанинот може да поднесе уставна жалба ако смета дека му се повредени човечките права. Меѓутоа, важно е и ова – само 1,5 проценти од уставните жалби завршуваат со одлука во полза на граѓанинот. И покрај тоа, голем број граѓани ја употребуваат изреката: „Ќе одам до Карлсруе”, каде што е седиштето на Германскиот сојузен уставен суд”, вели Винфрид Шуберт, поранешен претседател на Уставниот суд на сојузната покраина Бранденбург, Германија.
Експертите велат, еден случај на корупција или незаконско постапување на судија не смее да се претвори во генерализирана слика за целото судство. Одговорноста мора да , да има име и презиме, а не да се припишува на целата судска фела.
Новинар Соња Рилковска








