Археолошкото богатство во земјава чека подобра промоција и дигитализација

Охрид е археолошка ризница, располага со околу 200 регистрирани археолошки локалитети. На ниво на држава, има повеќе од 5.000. Но, бројката е далеку од конечна. Археолошките истражувања и новите градежни зафати постојано откриваат нови наоѓалишта.

Потребна е поголема заштита, промоција и поврзување на археолошкото богатство со туризмот.
„Меѓутоа, за да стигнеме до промоцијата, најпрвин локалитетите треба да се доведат во добра состојба, перфектна состојба, би рекол, со сите потребни елементи – патеки, сега да не ги набројувам, табли за посетители…”– вели Перо Арџанлиев, археолог.

Археолошката карта на Македонија е изработена во деведесеттите години, денес, потребата е таа да се надгради со новите сознанија, но и културното наследство да се презентира преку современи дигитални алатки.
„Ние сега, во 2026 година, ги имаме сите технолошки средства на располагање и мислам дека е крајно време да се зафатиме со една дигитализација на целокупната археолошка карта, меѓутоа и, како што кажавте, со дигитализација на културното наследство на онаков начин да му го доближиме на обичниот посетител, да го почувствува подобро и да го запознае културното наследство”. – вели Арџанлиев.
Според експертите, кога добро ќе се спакува археолошката приказна таа може да се наплати, а преку влезници ќе се обезбедат пари за нови системски истражувања.
Новинар Соња Рилковска




