РСБСП: Оставете го автомобилот кога можете, пешачете, возете велосипед и користете јавен превоз

Во периодот од 16 до 22 септември се одбележува Европската недела на мобилност, кампања која има за цел да ги поттикне граѓаните да ги променат секојдневните навики во движењето и да избираат поодржливи, побезбедни и поеколошки начини на транспорт.
По тој повод, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до граѓаните, кога е возможно, да го остават автомобилот и да изберат пешачење, велосипед, јавен превоз или споделено патување.
Од РСБСП посочуваат дека зголемениот број автомобили во градските средини придонесува за сообраќаен метеж, загадување на воздухот, бучава и намален квалитет на живот. Оттаму потсетуваат дека секое патување не мора да започне со автомобил.
„Пешачењето, возењето велосипед и користењето на јавниот превоз не се само алтернатива – тие се инвестиција во почиста животна средина, поздрави граѓани и побезбедни улици“, велат од РСБСП.

Според Советот, одржливата мобилност е тесно поврзана и со безбедноста во сообраќајот. Улиците треба да бидат безбедни за сите – децата да можат сигурно да одат на училиште, постарите лица непречено да се движат, а пешаците и велосипедистите да бидат рамноправни и почитувани учесници во сообраќајот.
Од РСБСП ги повикуваат граѓаните во текот на Европската недела на мобилност да направат мал, но значаен чекор кон поодржливи навики:
Пешачете до блиските дестинации;
Изберете велосипед кога условите го дозволуваат тоа;
Користете јавен превоз;
Споделувајте превоз со други лица;
Оставете го автомобилот дома кога тоа е можно.
„Малите промени во секојдневното однесување носат големи придобивки за сите, a тоа се почист воздух, поуредени градови, помал сообраќаен метеж и поголема безбедност во сообраќајот“, порачуваат од РСБСП.
Да создадеме градови во кои приоритет ќе бидат луѓето, а не автомобилите, апелираат од Советот.




