Шајн: Од кога е неисправна водата во ОУ „Братство и Единство“ – Лескајца и зошто?

Претседателот на ОО на СДСМ Охрид, д-р Асен Шајн, преку допис до медиумите јавно поставува прашања во врска со квалитетот на водата во ОУ „Братство и Единство“ во Лескајца, однонсо дали истата е исправна за употреба. Шајн посочува дека учениците и вработените во училиштето биле информирани дека водата не е безбедна за пиење и дека децата треба сами да си носат вода. Тој бара од надлежните институции да дадат одговори за тоа од кога е утврден проблемот и што покажале направените анализи.
„Од кога е неисправна водата? Што покажале анализите? Која е причината? И дали е испитана водата во пошироката населба?“, јавно прашува Шајн.
Според него, доколку постои проблем со водата во училиштето, локалната власт треба да утврди дали станува збор за изолиран случај или за поширок проблем со водоснабдувањето.Шајн бара градоначалникот на Охрид и директорот на ЈП „Водовод“ јавно да ги објават резултатите од испитувањето на водата и да дадат одговор на повеќе прашања.
Тој конкретно прашува: Од кога се знае дека водата е неисправна? Што е преземено досега? Која е причината за неисправноста? Дали е испитана водата и во околните населби? Кога учениците ќе добијат безбедна вода во училиштето?
„Граѓаните не заслужуваат институции кои се активни само пред камерите. Децата не смеат да бидат последна грижа на ниту една власт – особено не на оние кои се први кога треба да се сликаат“, подвлекува Шајн во дописот до медиумите.




