Левица: Поради пропусти во Центарот за социјална работа, најсиромашните во Охрид останаа без оброк

Најсиромашните жители во Охрид останаа без единствениот топол оброк во денот, откако Народната кујна е затворена поради реновирање на кујната во Студентскиот дом „Никола Карев”, реагираат од Левица Охрид преку допис до медиумите. Оттаму посочуваат дека од денеска, и граѓаните кои имаат решение од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Охрид за добивање еден оброк дневно, остануваат без оваа основна социјална услуга.
„Според информациите доставени до Левица, поранешната вршителка на должност директор Весна Аврамоска не спровела јавна набавка за обезбедување храна, иако била известена дека договорот со Студентскиот дом престанува. Ова отвора сериозни прашања за нејзината одговорност и за начинот на кој е раководено со Центарот.
Дополнително, до Левица пристигнаа информации дека Аврамоска, која на последните локални избори беше кандидатка за советник на листата на ДПМНЕ во Охрид, била незаконски поставена за вршителка на должност директор со договор за пробна работа од четири месеци, без решение за распоредување на работно место. Информациите се дека истата повторно ќе биде поставена за директор на Центарот, иако таа е најодговорна за затворената народна кујна.
Министерот Ѓоко Велковски мора да даде одговори: Кој ќе сноси одговорност за прекинот на оброците на најсиромашните? Зошто не е спроведена јавна набавка навреме? Дали ќе има одговорност за незаконското поставување и дали повторно ќе ја наградува неспособноста со директорска функција? Особено загрижува фактот што Весна Аврамоска е сестра на инспекторот за животна средина Игор Трајковски, кој “не утврди” никакви пропусти за дивоградбата-хотел на Мијалков. Левица бара итна истрага за работењето на Центарот за социјална работа Охрид и обезбедување храна за сите корисници на Народната кујна. Социјалната помош не смее да биде партиска привилегија, ниту најсиромашните граѓани да бидат жртви на партиската неспособност!“ – стои во реакцијата од Левица Охрид.




