Во Охрид се одржа првиот натпревар за спасители на вода во Македонија

Во Охрид се одржа Првиот натпревар за спасители на вода, историски настан кој, како што посочуваат организаторите, за првпат се реализира во Македонија, во рамките на 80-годишното работење на Црвениот крст на Република Македонија.
Натпреварот беше организиран од Општинската организација на Црвениот крст – Охрид и Центарот за безбедност на вода, а учесниците имаа можност да ги покажат своите знаења, вештини и физичка подготвеност во вкупно 12 различни дисциплини на отворени и затворени води.

На пионерскиот настан учествуваа професионални спасители и аматерски волонтери, кои претходно поминале низ соодветни обуки и интензивни тренинзи. Преку натпреварувачките дисциплини тие ги демонстрираа својата подготвеност, храброст, брзина и професионалност во ситуации кои бараат навремена и ефикасна реакција.
Организаторите истакнуваат дека со одржувањето на натпреварот се следат современите светски трендови, правила и стандарди во областа на спасувањето на вода, со цел дополнително унапредување на безбедноста на капачите и посетителите на водните површини во земјата.

Првиот натпревар за спасители на вода претставува значаен чекор во развојот на спасителната служба и промоцијата на професионалните стандарди во оваа област.






