Спречен обид за палење кабли на депонијата „Буково“

На депонијата „Буково“, чуварската служба на ЈП „Охридски Комуналец“ затекнала лица кои неовластено влегле во просторот на депонијата. Чуварската служба веднаш реагирала и ги предупредила лицата да го напуштат просторот. И покрај предупредувањето и наредбата од страна на чуварот, лицата одбиле да ја напуштат депонијата.
Поради нивното противење и неовластеното присуство, случајот веднаш бил пријавен до СВР Охрид. Припадниците на СВР Охрид постапиле по пријавата и ги отстраниле лицата од просторот на депонијата.
„Според сознанијата од терен, лицата биле затекнати при активност поврзана со палење кабли. Од ЈП „Охридски Комуналец“ посочуваат дека ваквото постапување претставува опасност од предизвикување пожар на депонијата „Буково“, особено имајќи ги предвид природата и условите на депонијата. Благодарение на реакцијата на чуварската служба и навременото постапување на СВР Охрид, спречена е можноста за понатамошно дејствување и потенцијално предизвикување пожар.“ – соопштија од јавното претпријатие.
Според полициското соопштение, вчера во 19.30 часот на депонијата кај Буково, полициски службеници од СВР Охрид од слобода ги лишиле Ф.А.(27) од Кавадарци, Е.И.(31) од Штип и Е.Н.(38) од Струга, постапувајќи по претходна пријава дека на депонијата запалиле поголема количина кабли.
– Во близина на депонијата, полициските службеници забележале и товарно моторно возило „Ивеко“ со струшки регистарски ознаки натоварено со кабли и друг материјал. По целосно документирање на настанот, против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по член 288 од Кривичниот законик – „предизвикување општа опасност“, информираат од СВР Охрид.
ЈП „Охридски Комуналец“ упатува благодарност до чуварската служба за навременото постапување, како и до СВР Охрид за брзата реакција.
Од претпријатието апелираат до граѓаните да не влегуваат неовластено во просторот на депонијата и да не преземаат активности со кои може да се загрози безбедноста на депонијата, вработените и животната средина.




